Секој народ оставајќитрага низ вековите за своето постоење, остава записи и за луѓето, хероите кошто се дел од таа историја. Тие записи со текот на времето стануваат митови, навлегуваат во секоја пора од живеењето, се преточуваат во народната песна, стануваат основа за уметничката литература.
Македонскиот народ низ долгите векови на своето битисување, себепронаоѓање и тежнеење кон националната слобода запишал многу бурни настани и ликови кои што едноставно остануваат засекогаш запаметени.
Денес, и по еден век, Македонецот со особена почит и љубов стои пред грандиозниот спомен од своето минато – Илинден, тука се пред нас историските документи, сведоштвата на учесниците, народните и уметничките текстови, легендите. Стоиме исправени, горди, со возбуда во душата пред сите оние имиња коишто треба да ги чувствуваме, а најмногу пред великанот на епохата Гоце Делчев.
Кумановската гимназија, денес ДСУ Гимназија „Гоце Делчев“, името на големиот македонски револуционер Гоце Делчев, за свој патрон го има од 2 фебруари 1945 г. Оттогаш до денес многу генерации го оформиле своето образование во оваа училишна зграда станувајќи зрели, возрасни луѓе ии достојни градители на општината и на земјата.Угледот на училиштето траеше независно од реформите, новите наставни планови и програми кои што ги следеа современи текови на полето на едукацијата. Успесите се множеа како што од 45-та наваму поминуваа учебните години, признанијата, наградите од општествените, републичките и меѓународните натпревари, беа постојан и континуиран прилиг во севкупното живеење и на гимназијата и на градот.
Историскиот и револуционерниот пат
на Гоце Делчев
Постои ли некој неизречен епитет пред името на великанот на нашата нација Годе Делчев? Најдобро е да се заобиколат сите непотребни претставувања затоа што самиот живот и делото на Гоце Делчев зборуваат зошто е наречен најголем син на Македонија.
Ѓорги (Гоце) Николов Делчев е роден на 4 Февруари 1872 во с. Кукуш и потекнува од занаетчиско семејство кое се занимавало и со трговија. Во родниот крај Гоце ја поминал првата половина од својот краткотраен животен пат, и оттогаш цврсто го чувал патриотското чувство и неизмерната љубов кон родната земја која ќе го следи и води низ целиот негов живот. По завршување на три класа основно училиште, работел како помошник во бакалницата и гостилницата на татко му. Во 1888/89 г. се запишал во IVклас во машката егзархиска гимназија „Св. Кирил и Методиј“ во Солун.
Првиот јавен револуционерен настап на Гоце Делчев датира од април 1889 г. кога на свеченоста по повод роденденот на султанот, јавно извикал „Долу“ кога сите викале „Да живее!“ (турската империја) и истата година станал член на училишниот револиционерен кружок. Летото 1891 г. се запишал во софиското воено училиште, а во1894 г. добил диплома за завршен тригодишен курс но без право на офицерски чин, поради неговата револуционерна активност.
Истата година заминал во Ново Село, Штипско, каде што работел како учител. Таму се сретнал со Даме Груев и се вклучил во редовите на Македонската револуционерна организација и активно работел на проширувањена нејзината мрежа во Македонија. Летото 1895 г. било одржано Солунското советување на МРО, при што како резултат на тоа започнал да функционира силен револуционерен триаголник:Даме Груев во солун, Пере Тошев во Битола и гоце Делчев во Штип.
Откако ја напуштил просветната работа, целосно се посветил на организацијата. Неговата огромна ангажираност придонела народот посмело да пристапува во организацијата и го подигнал кај народот чувството дека припаѓана еден народ со своја култура и трдиција за која треба да се бори.
На првиот конгрес на МРО во април 1896 г. се преименува во ТМОРО-Тајна Македонско-Одринска Револуционерна Организација, биле изработени првиот Устав и Правилникот на Организацијата од страна на Гоце Делчев и Пере Тошев. Во еден од членовите на Уставот се вели дека треба преку Револуција да се добие политичка автономија, а со тоа да се обединат сите незадоволни елементи во Македонија. Од 1896 г. до 1901 г. Гоце Делчев заедно со Ѓорче Петров бил задграничен претставник на ТМОРО во Софија и оттаму ги превзел сите одговорности во врска со обезбедувањето на материјалната подршка на организацијата, вклучувајќи оружје и муниција и револуционерна литература. Гоце Делчев ги подобрил есенцијалните услови за формирање на воена сила на организацијата на чие чело стоел како инспектор.Тоа бил периодот на големиот поход на Гоце Делчев околу Македонија со кој ширел оптимизам, носел визии и доверба за Македонската национална идеја.
Во април 1903 г. Гоце Делчев заминал за Солун за да го разубеди Даме Груев во идејата за кревање на Илинденското востание, кое според него е недоволно подготвено и предвремено. На враќањето кон Сер за да земе учество во Серскиот окружен конгрес бил спречен во селото Баница.
Гоце Делчев се соочил со својата смрт на 4 мај 1903 г.Предаден и опколен бил смртно ранет за време на херојската одбрана на татковината.
Неговата смрт го пресекла реализирањето на многу далекусежни визии, но неговиот живот е достоен и најголем пример за љубовта кон татковината, силниот ентузијазам и амбиции насочени кон остварување на целите кои се во интерес на својот народ и кои ја трпат и најголемата жртва – животот.
Тажната вест за смртта на Гоце Делчев била пренесена бргу како најголема загуба за македонскиот народ. Делчев имал само 31 година кога исчезнал од македонската историска сцена како најдвигателна личност на македонското национално ослободително движење. Космополитските идеи на сестраната личност на Делчев можат да бидат сумирани во неговата позната максима:
Јас го разбирам светот единствено како поле на културен натпревар меѓу народите.
Гоце Делчев бил поттик неговите следбеници да продолжат со револуционерната дејност олцетворени во Крушевската Република и Илинденското Востание (1903 г.) кои и покрај забележителното отсуство на организаторската способност на Делчев, сепак зафаќаат многу значајно место во историјата на нашиот народ.


